Јавна и приватна понуда на хартии од вредност

Постапката за издавање на хартии од вредност е регулирана со Законот за хартии од вредност и Правилниците донесени од Комисијата за хартии од вредност.

Издавањето на хартиите од вредност на примарниот пазар, вклучувајќи ги и сопствените акции, може да се врши по пат на јавна понуда и по пат на приватна понуда.

Јавна понуда на хартии од вредност

Јавната понуда на хартии од вредност , во смисла на Законот за хартии од вредност,  е јавен повик за запишување и купување на хартии од вредност.

Кога издавачот на хртии од вредност одлучил да продава хартии од вредност по пат на јавна понуда изготвува Проспект преку кој ја запознава јавноста со сите податоци и информации за неговото работење и за понудата на хартии од вредност. Објавувањето на овие информации има за цел да обезбеди целосна информираност на сите заинтересирани  инвеститори при донесување на одлуката дали да инвестираат во понудените хартии од вредност.

Запишувањето на јавно понудените хартиите од вредност се врши преку овластена берза за хартии од вредност која за тоа има договор со издавачот.

Приватна понуда на хартии од вредност

Приватна понуда на хартии од вредност е понуда за запишување и уплаќање на хартии од вредност, која е упатена на не повеќе од 20 лица кои не се акционери во акционерското друштво и кои не се поврзани лица со акционерите во акционерското друштво а кои се поединечно именувани во актот за издавање на хартии од вредност или се однесува само на институционални инвеститори (банки,осигурителни друштва,инвестициски и пензиски фондови).

Приватна понуда е директна понуда на хартии од вредност до ограничен број на инвеститори, со кои издавачот однапред се договорил да ги откупат хартиите од вредност што се предмет на понудата.

За издавање на хартии од вредност по пат на приватна понуда не е потребно да се изготви и публикува Проспект.